Симон Трпчески, еден од најголемите културни амбасадори на Македонија, синоќа одржа концерт во Букурешт, кој го изведе во дрес и со шал на Македонија во знак на поддршка на нашите фудбалерите на ЕВРО 2020. По крајот на неговиот настап, тој упати порака до македонските „рисови“ во пресрет на денешниот дуел со Украина (15 часот).
Маестро Симон изјави дека спортот и културата секогаш одат во комбинација, имајќи предвид дека се блиски и сплотени, поради што на избраниците на селекторот Игор Ангеловски им посвети бис и тоа „Омажот на Едит Пјаф“ од Франсис Пуленк.
„Ова е за нашите фудбалери. Нека вашата игра биде течна како убавината на музиката, како нотите од моето пијано“, порача Трпчевски.
Инаку, специјални гости на концертот беа дел од репрезентативците и членовите на стручниот штаб на селекцијата на Македонија.
„Букурешт овие денови ‘гори’ од Македонците, а Романците ни се одлични домаќини. Напред Македонија!“, порача маестро Симон по концертот.
Македонија на стартот изгуби од Австрија (1-3), а Украина од Холандија (2-3). Па, денес македонските фудбалери ќе се најдат пред уште поголем предизвик, со оглед на фактот дека во 15 часот за противник ќе ја имаат селекцијата на Андриј Шевченко, Украина. Овој дуел е клучен за двете репрезентации за пласман во втората фаза на Европското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА