Поранешниот македонски репрезентативен голман, Јане Николовски, смета дека погрешната формација што ја избра селекторот Ангеловски е главна причина за денешниот пораз од селекцијата на Украина.
Според него, македонскиот селектор не успеал да го исполни даденото ветување дека Македонија на секој меч ќе игра на победа, бидејќи тактиката што самиот тој ја бира е конфузна и дефанзивна.
„Мислам дека загубивме затоа што и формациски и составот што го изнесе нашиот селектор беше погрешен. Го коментиравме тоа и пред мечот, дека на еден Николов не му е местото каде што е поставен, исто како и на Стефан Ристовски, кој повторно играше на позиција што не е препознатлива за него. Нашиот селектор беше контрадикторен, прво кажуваше дека на секој меч ќе одиме на победа, а излезе со чудна формација. Дури во второто полувреме кога ја смени формацијата во 4-3-3 упативме четири шута за дваесетина минути“, изјави Николовски за МТВ.
Според него, конечниот исход можеше да биде многу поразличен доколку од почеток сме тргнале со поофанзивен пристап и формација.
„Загубивме цело полувреме барајќи ја позицијата на која нашите фудбалери најдобро се снаоѓаат. Кога конечно застанаа во 4-3-3, играчите се најдоа на позиции на кои го даваат максимумот, дадовме гол, создадовме шанси. Селекторот на Украина сепак е искусен, почувствува дека ние ја преземаме контролата и внесе двајца играчи на местото на нивните стрелци, се затворија убаво и не ни дозволија да сториме нешто повеќе“, прокоментира екс-репрезентативецот.
Воедно, Јане порача никако да не се упатуваат критики кон фудбалерите, кои даваат се од себе на теренот на овие натпревари.
„Наше е да го кажеме она што го мислиме, како го гледаме мечот, на селекторот е да ги склопи коцките за наредниот меч. Овие момци се наши херои, тоа беа и пред ова ЕП и така ќе биде по овој европски шампионат, така што прстот никако не смееме да го насочиме кон фудбалерите“, порача Јане Николовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА