За ЕКИПА пишува: Барт Влитстра („Де Волскрант“ – Холандија)
Кога Мемфис Депај во 2015 година беше прогласен за најголем талент во холандското првенство ја доби наградата „Кројфов терен“ (одлично подготвен терен со вештачка трева од фондацијата Кројф), кој ќе биде поставен каде и да посака тој. На крај Депај одлучи тој да биде поставен во Мордрехт, мало рурално градче во кое тој пораснал. На отворањето на теренот во 2019 година тој изјави: „По цели денови бев на овие терени играјќи фудбал, го гледате резултатот“.
Резултатот е што Депај сам растеше и се развиваше низ кариерата. Да не беше финансиската криза во Барселона тој сега ќе играше заедно со Лионел Меси и Антоан Гризман. Во Лион е неприкосновен лидер. Но, како и да е, ете Барселона доаѓа по ЕВРО 2020.
Депај е еден од најекстравагантните играчи во светот. Тешко е да се замисли дека тој растел во место како што е Мордрехт, опколено со големи ливади и со само 8.700 жители. Воопшто не е плодна почва за создавање професионални фудбалери. Во мензата на локалниот клуб покрај маицата на Депај може да се види само онаа на Лен ван Стенсел, најчесто замена во екипата на Ексцелсиор. Кога таму ќе се спомене името Мемфис не се сите среќни. „Треба да му дадете сто топки на клубот“, бесно вели еден жител.
Меѓу голем дел од жителите имаше негодувања кога Депај стигна со своето „Бентли“, пратен од комбиња на денот на отворањето на „Мемфис Депај Кројф теренот“. „Да се однесуваш нормално е доволно лудо“, е стара холандска поговорка. Децата меѓутоа се уште разговараат за тој ден. Депај одвои време за нив, играше фудбал со нив. Молуканската заедница во Мордрехт секогаш ќе го брани од било какви негативни коментари бидејќи и тој потекнува од молуканскиот народ.
На нив им е доста од сето тоа. За Депај последните години се зборува најмногу од сите холандски фудбалери. Ако не се работи за неговата линија на облека, или за неговото рекордно опоравување од повредата на коленото, тогаш се зборува за фотографијата на инстаграм на која позира со Лигар (животно кое е мешавина од лав и тигар), или за неговото уживање на јахта со ладно виски и ланче вредно 100.000 евра. Неговите интервјуа се исполнети со библиски текстови за воведување на нова прослава, појавување во текот на демонстрациите против расизамот во Амстердам, како и големата тетоважа од лав на грбот или објавување на неговата биографија.
Фудбалски уште од почетокот се истакнува со интуитивни т.н. „улични“ мајстории, неверојатна техника и храброст. Под водство на Филип Коку се пробива во првиот тим на ПСВ Ајндховен како крилен играч, по што добива и повик од Луис ван Гал на Светското првенство 2014 во Бразил. Таму дава голови против Австралија и Чиле, но главно е замена во тимот кој неочекувано завршува на третото место, а потоа пропушта две големи натпреварувања во низа. Златната генерација на Ван Перси, Робен, Ван дер Варт и Снајдер се простува и треба да помине некое време пред Депај, Де Јонг и Матијс де Лихт да ја пополнат празнината.
Депај имаше непријатна епизода во Манчестер јунајтед. Со помош од компанија специјализирана за податоци и аналитика, го избра Лион за свое следно одредиште во 2017 година. Излезе дека тоа беше одличен избор, исто како и промоцијата на Роналд Куман во селектор на националниот тим на Холандија. Куман во Депај открива одличен шпиц, но му дава и голема слобода поради неговата добра интуиција. Неговата статистика (11 гола, 12 асистенции во 19 натпревари) беше неверојатна во ерата на Куман. Депај во моментов е единствен холандски напаѓач од светска класа.
Тој е космополит кој говори мешавина на англиски и уличен холандски сленг. Навистина е неверојатно дека Депај по потекло е од едно мало мирно градче како Мордрехт во кое практично никој не зборува или се однесува како него и животот е крајно мирен.
Мемфис имал многу тешко детство. Што е спротивно од животот во Мордрехт. Неговиот татко кој е од Гана го напуштил семејството кога Мемфис имал три години. Неговата мајка се омажила за соседот во 2002 година. Таа заедно со тогаш 10 годишниот Мемфис се сели во куќата на соседот во која веќе живеат десет деца.
Беше тоа пекол, го опишува детството Депај во својата автобиографија „Срцето на лавот“ која беше објавена во 2019 година. Секогаш бил напаѓан од своите полубраќа. „Најчесто се работеше за тепачки со боксови, но некогаш ми се закануваа и со нож. Еднаш едно од децата ми го фати увото со клешти и почна силно да ме влече. Секогаш бев внимателен, а ме викаа „мајмун“ и „гомно““, вели Депај.
Во тоа време тој се повлекол во себе. Губи почит кон себе и другите. Цело време завршува во тепачки и ја губи довербата во луѓето. Во автобиографијата тој вели дека овој период од животот го научил како да преживее.
Живеејќи со дедото Кес и бабата Јанс кои исто така живееле во Мордрехт, Мемфис полека ја враќа среќата во животот. Премногу е приврзан за дедото Кес со кој често оди да лови риба. Исто така често играл карти со баба му Јанс. Неговиот дедо бил талентиран гимнастичар и скокач во височина. Малиот Мемфис исто така имал талент за гимнастика, но фудбалот му бил најголема страст.
Четиригодишниот Мемфис на својот сега покоен дедо му предвидувал како ќе се движи неговата кариера. „Дедо ќе играм за Барселона“. Тоа ги разликувало Мемфис и дедо му, кој бил задоволен со неговата мала куќа, како поголемиот дел од жителите на Мордрехт. „Мемфис секогаш мислеше дека е поголем“, вели неговата баба.
Меѓу бројните активности тој и понатаму знае да го посети Мордрехт и со својата баба да игра карти, баш како и претходно.
Пишува: Барт Влитстра – „Де Волскрант“ – Холандија
Следете го на твитер: @BVlietstra.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА