ЕКИПА во Амстердам,
Роберт Спасовски (ФОТО)
По соопштувањето на одлуката на Горан Пандев за крај на репрезентативната кариера, селекторот Игор Ангеловски нагласи дека сите фудбалери сега имаат дополнителен мотив за уште подобро издание и за позитивен резултат на крајот од настапите на ЕВРО 2020.
Договорот на Игор Ангеловски како селектор на Македонија завршува на крајот од овој месец, па тоа веројатно носи и дополнителен мотив кај првиот човек на националниот тим.
„Да, мојот договор завршува со ФФМ до крајот на овој месец, и може да искажам само едно огромно благодарам до Горан Пандев и сите момци што ни овозможија настап на едно големо натпреварување. Може да кажам дека запишавме историја за македонскиот фудбал, постигнувајќи го најголемиот репрезентативен успех и горд сум на тоа. А за иднината ќе разговараме откако ќе заврши Европското првенство“ – истакна Ангеловски.
Што се однесува околу формацијата која ќе настапи на дуелот со Холанѓаните, селекторот нагласи дека ќе има промени во однос на претходните два натпревари, но не се согласи со новинарите дека изместувањето на позициите на фудбалерите, Стефан Ристовски како стопер, Бобан Николов како десен бек, и останатите… ги донеле поразите.
„Не се согласувам со медиумите дека сме имале импровизации во составот, затоа што тој импровизиран состав со Ристовски како стопер или Николов на десната позиција ни донесе победа над Германија, ни донесе реми со Италија, ни донесе реми со Словенија и уште многу позитивни резултати. Против Холандија сега можеби ќе менуваме нешто но сето тоа и во функција на желбата со позитивен резултат да го завршиме првенството. Сега, со најавата за повлекување на Горан од репрезентативниот дрес, имаме уште еден мотив плус за позитивен резултат. Горан поради повредата која ја чувствуваше пред мечот со Украина, кој го одигра со две инјекции, не тренираше изминативе два дена. Но, може да кажам дека утре ќе игра. И сите верувам ќе играат за него“ – рече Ангеловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА