ЕКИПА во Амстердам,
Роберт Спасовски (ФОТО)
Низ моментите разговор на официјалната прес-конференција по соопштувањето на одлуката за негов дефинитивен крај во репрезентативниот дрес по утрешниот натпревар со Холандија во Амстердам, капитенот Горан Пандев одговори дека не може точно со сигурност да го одреди неговиот наследник во националниот дрес, но јасно е дека има неколку кои веќе се наметнуваат како лидери и кои сите заедно ќе не радуваат во иднина.
„Јас многу пати претходно кажував дека силно верувам во оваа генерација која е најдобрата во нашата репрезентативна историја. И знам дека оваа репрезентација има многу лидери, тука останува Стефан, па тука е и Адеми, а извонредни фудбалери се и Елмас, Барди пред кои се уште многу настапи…, но тука се и Алиоски, Дарко Велковски, Муслиу, и помладите кои доаѓаат како Чурлинов. Посакувам пред нив да бидат уште многу настапи на европски и светски првенства па сите заедно да се радуваме на нивните успеси“ – истакна Горан, кој вели дека иако претходно размислувал и за збогум на натпревар против Германија во октомври, сепак тоа не е можно.
„Мислам дека за мене ќе биде преголем товар во иднина битка на два фронта доколку продолжам во Серија А и во репрезентативниот дрес. Има ли поубав начин за збогување од натпреварот против Холандија на најголемиот европски репрезентативен собир?“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА