За Холандија од „А“ до „Ш“: Де Бур почнува да ги освојува срцата на фановите…, дали можат до полуфинале!?

За ЕКИПА пишува: Барт Вилестра (Волскрант – Холандија)
Следете го на Твитер: @BVlietstra

Во Холандија владееше вистинско олеснување кога се одложи Европското за една година поради пандемијата. Тоа значеше дека Мемфис Депај ќе може целосно да се опорави од повредата на вкрстените лигаменти и да влезе во топ форма на шампионатот. Но, работите место да се подобрат, се влошија откако капитенот Вирџил ван Дајк заработи повреда на коленото поради која ќе мора да го пропушти Европското првенство, а тренерот Роналд Куман кој го однесе тимот до прво големо натпреварување по 2014 година замина во Барселона.

Загубата на Ван Дајк е голем удар не само како фудбалер, туку и како лидер на тимот. Згора на се Дејли Блинд заработи повреда на глуждот и не играше многу во последните два месеци. Поштено е да се каже дека заменикот на Куман, Франк де Бур има многу работа во тоа да ги увери навивачите дека тој е вистинскиот човек за селектор на Холандија.

Поранешниот фудбалер на Ајакс има многу што да се докажува. Не беа во некоја голема форма во квалификациите, особено против Естонија, Белорусија и Северна Ирска, но тогаш ја победија Германија со 4-2, со што барем малку ја вратија вербата во репрезентацијата. Холандија на Куман покажа сестраност, одлучност и моќ спротистави, нешто што го почувствува Германија таа вечер во Хамбург.

Костурот на тимот беше силен со Ван Дајк, Матајс де Лихт, Де Јонг, Мартен де Рон, Џорџино Виналдум и Мемфис Депај. Најчесто Холандија играше во формација 4-2-1-3, но се користеше и 5-3-2 или 3-5-2. На ЕВРО 2020 Де Бур очекува дека неговиот тим ќе може да ја менува формацијата во текот на мечот. „Нема да им биде ново тоа да го прават. Некои од нив тоа го прават и во клубовите“.

Пред него што ја напушти репрезентацијата Куман изјави дека Холандија не е меѓу фаворитите за освојување на шампионатот, а Де Бур неодамна го повтори истото:

„Ние сме негде меѓу четврти и осми фаворит за освојување на титулата. Можеме да стигнеме до полуфинале, но секако тежнееме кон освојување на шампионатот. Атмосферата е добра и имаме голема самодоверба“.

Депај има чувство дека репрезентацијата се движи во вистински правец.

„За оваа група играчи можам да кажам само една работа, искреност. Навистина можеме се да си кажеме едни на други и тоа е тоа што го правиме. Морамо да продолжиме да се исправаме едни со други и да се подобруваме“.

СЕЛЕКТОР

Можеби беше пишано Франк де Бур да ја води Холандија на првенството на кое се кодомаќини. Тој веќе тоа еднаш го направи. Имено Де Бур беше капитен на репрезентацијата на Европското првенство во 2000 година на кое беа домаќини и стигнаа до полуфиналето, а постигна и прекрасен гол од слободен удар против Франција. Сепак, во полуфиналето не беше негов ден. Де Бур промаши два пенали во поразот од Италија. Не се покажа баш како добар тренер во Интер и во Кристал Палас, каде во Лондон остана само 77 дена од тригодишниот договор кој го потпиша. Тој по својата авантура во Кристал Палас од Жозе Мурињо беше наречен како „најлошиот тренер во историјата на Премиерлигата“. Де Бур потоа му одговори на Португалецот „Нормално дека може да го каже тоа бидејќи бев навистина лош… Сепак јас не сум човек кој одговара на такви изјави, но мислам дека кармата секогаш го возвраќа ударот“. Имаше конфликт и со Аталанта бидејќи навивачите на клубот ги нарече „размазени“, а работата во Холандија ја прифати во септември минатата година. Ова лето дефинитивно има што да покаже. Неговата сопруга Хелен во 2008 година го отвори “Living-In by Helen de Boer”, продавница за мебел во Едам, каде Френк вршеше испораки.

ИКОНА

Френки де Јонг. Постојат многу причини поради кои Де Јонг е омилен во Холандија. Меѓу нив се неговото презиме, насмевката, и најважното неговиот смел стил на игра. Иако секој од играчите се именува по неговото презиме, коментаторите за него кажуваат само „Френки“. Де Јонг е многу често презиме во Холандија, но Френки не е толку често во фудбалскиот свет. На некој начин потсетува на Јохан Кројф. По дриблингот и брзото пронаоѓање на решенија, ризиците кои ги презема и самодовербата со која игра. Неговата екстравагантност е во неговата нормалност. Нема тетоважи и склоност кон скапи автомобили или луксузен накит. Целата земја го обожава, најмногу поради тоа што самиот често сака да ги истакне своите слабости.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ (3-5-2): Стекеленбург, Думфрис, Де Вриј, Де Лихт, Блинд, Ван Анхолт, Рајан Грејвенберх, Вајналдум, Френки Де Јонг, Мален, Мемфис Депај.

НАЈСРЕЌЕН ОД ОДЛОЖУВАЊЕТО НА ЕВРО 2020 

Вут Вергост се разви во врвен напаѓач во Бундеслигата, а Јуриен Тимбер имаше одлична сезона во Ајакс. Вториот ќе сака да го искористи Европското првенство како би направил трансфер. Депај е во одлична форма и сака по ЕВРО да се врати во некоја од најсилните лиги во светот. Дамфрис, Бергујс и Мален сакаат да заминат од холандското првенство.

ШТО ПЕАТ ФАНОВИТЕ

„Viva Hollandia“ од Волтер Крос. Текстот можеби е очајно лош, но песната има допадлив и весел рефрен. Се работи за преработка на „Viva colonia“, која е пее во текот на карневалот во Келн и на на натпреварите на фудбалскиот клуб. „Viva Hollandia“ беше вистински хит на Европското првенство во 2008 година, по одличните партии на репрезентацијата во групната фаза каде триумфираа над финалистите од последното Светско првенство во 2006 година, Италија и Франција. На следните турнири беше развиена нова верзија. Откако по седум години повторно се дел од големите натпреварувања сега се пее „Повторно сме тука, тоа е прекрасно, вива Холандија“.

ШТО ВЕЛАТ ФАНОВИТЕ 

“Het is stroperig, we komen er niet doorheen, het is teveel breien, het moet opportunistischer” –  „Премногу хоризонтална игра, премногу компликуваме, мора да играме повеќе опортунистички“.

“De frons van Frank de Boer lijkt dieper dan ooit / ineens helemaal weg” – „Изгледа дека Франк де Бур е намуртен повеќе од било кога претходно“.

 “De verlenging loopt op zijn eind en dan ga je toch een beetje aan Tim Krul denken” – „Како доаѓа крајот на продолженијата вие веќе почнувате да размислувате за херојот на пеналите Тим Крул“.

ПАНДЕМИСКИ ХЕРОЈ/ НЕГАТИВЕЦ

Франк де Бур се појави заедно со актерот Френк Ламерс на промоцијата на холандско/белгискиот филмски хит на „Нетфликс“ „Фери“, каде Де Бур се покажа навистина добро. Ламерс кој го глуми „Фери“ му се заканува на Де Бур дека ќе го убие ако не му каже кого става во тимот за Европското првенство, а исто така ќе го убие и ако нема доволно играчи на ПСВ во тимот (Ламерс е голем фан на ПСВ Ајндховен).

Се вчитува...