Германските фудбалери беа критикувани по почетниот пораз од Франција, но избраниците на Јоаким Лев потоа добија бројни комплименти за одличното издание и победата над Португалија, со што оваа селекција се наоѓа на чекор до обезбедување на место во нокаут-фазата од ЕВРО 2020.
Леон Горецка со извонредна изјава јасно стави до знаење дека најважно во моментов сепак е што фудбалот е во центарот на вниманието на јавноста, откако со месеци наназад се говореше само за копронавирусот.
„Критиките кон нас? Искрено, мене ми е подобро да знам дека во земјата имаме 82 милиони луѓе кои мислат дека се селектори на Германија, отколку 82 милиони луѓе кои се замислуваат дека се виролози“, истакна Горецка.
Потоа, асот на Баерн Минхен потенцираше дека Германија се наоѓа во најтешката група на шампионатот и не е нималку лесно да се стигне до нокаут-фазата.
„Играме во групата на смртта, и од листата на тешки ривали не би ја исклучил Унгарија. Тие покажаа извонреден фудбал и посветеност на првите две средби, ќе треба да се намачиме за да им ја разбиеме дефанзивната линија. Математиката ни е јасна, да победиме и да се пласираме во следната фаза, да не размислуваме за она што се случува во другите групи“, порача Леон Горецка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА