Програмата на фудбалското Европско првенство оваа вечер беше заокружена со дуелот меѓу Русија и Данска, натпревар кој заврши со резултат од 4-1 во полза на Данците. Исходот од овој двобој кој беше одигран во Копенхаген донесе директен пласман на Данската репрезентација во осминафиналето.
Данците имаа голема мотивација на овој меч, поттикнати од својата публика и инспирирани од добиениот „нов живот“ на Ериксен, почетокот на натпреварот го стартуваа со висок притисок, силна желба и олдучност. Иако Русите на почетокот од првиот дел имаа само еден сериозен напад кој не успеаја да го претворат во гол, речиси целото полувреме припадна во доминација на Данска. Ваквиот пристап кон играта беше награден во 38. минута, а стрелец на голот кај Данците беше младиот Микел Дамсгор, кој беше прецизен откако испрати фантастичен удар од околу 18 метри.
Почетокот на вториот дел не се разликуваше премногу од првото полувреме, Данска повторно беше по конкретна и по динамична низ целиот терен, а ваквата игра предизвика паника и деконцетрација кај Русите, па во 60. минута Јусуф Поулсен успеа да биде прецизен и да донесе водство од 2-0 откако претходно ја искористи голема грешка што ја направи Кудријашов, кој сакаше да ја врати топката на својот голман, но на негова несреќа ја подари на противничкиот фудбалер.
По десет минути игра, од нигде-никаде по една гужва во шеснаесетникот на Данска, главниот арбитар досуди пенал за селекцијата на Русија, а во 70. минута прецизен од белата точка беше Артјом Џуба и намали на 2-1. Сепак, ваквиот резултат не ги поколеба Данците, па тие продолжија со уште поголем интензитет до крајот на натпреварот. Најпрвин, Андреас Кристенсен во 79. минута донесе предност од 3-1, а по три минути игра во листата на стрелци се запиша и Јоаким Маехле за голема победа од 4-1 и гол разлика која на Данците им донесе директен пласман во следната нокаут-фаза.
Ако се има предвид дека Данска изгуби во претходните два натпревари, 2-1 од Белгија и 1-0 од Финска, ова е „магична“ победа над Русија која практично значи продолжување на европскиот сон, додека за Русите значи крај на учеството во ова ЕП.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА