Македонската атлетска репрезентација настапи на Европското првенство – трета лига во Лимасол, Кипар, во исклучително силна конкуренција.
Селекторот на националниот тим Кристијан Кајчевски е задоволен од ефектот на националниот тим, кој заврши со пет освоени медали и три државни рекорди.
„Натпреварувачите покажаа ниво досега невидено во нашата атлетика. Јас како селектор сум задоволен од настапот на сите натпреварувачи. Имавме проблем со неколку минорни повреди но ништо надвор од контрола. Дарио Ивановски постигна нов државен рекорд на 3000 метри, и пласман на 3. место. Дрита Ислами победи на трката 400 метри со пречки со нов државен рекорд и норма за Европско првенство, и пласман на 3. место во дисциплината на 400 метри. Јован Стојоски постигна одлични резултати на 100 метри завршувајќи на 4. место (10.75), а на 200 метри беше трет (21.41) и на 400 метри го освои второто место со време од 46.94. Андријана Поп Арсева постави нов државен рекорд на 5.000 метри со време од 17:42.08 минути“ – ни изјави селекторот Кајчевски.
Првите три пласирани селекции на првенството, Србија, Кипар и Молдавија продолжуваат во Втора лига, а Македонија заврши на 10. место во конкуренција на 14 земји учеснички.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА