Светскиот шампион не успеа да го продолжи европскиот сон, Швајцарците преку пенал-рулет обезбедија билет за четвртфинале на Европското првенство. По 24 часа од елиминацијата на европкиот првак, Португалија, сега настапот на ЕВРО 2020 го завршија и „галските петли“.
Регуларните 90. минути не го донесоа победникот од овој дуел, а никаква шанса за решавање на оваа дилема не понудија ниту продолженијата од 15 минути, па единствен начин беше изведувањето пенали кои донесоа голема историска победа на селекцијата на Швајцарија. Во оваа радост голем удел имаше и Килијан Мбапе, еден од најдобрите фудбалери во светот, кој не успеа да биде прецизен од белата точка и практично ја испрати дома својата земја претставник.
Фудбалерите на Франција и Швајцарија приредија репризно издание од дуелот меѓу Хрватска и Шпанија, па по резултат од 3-3, патникот во следната фаза го решаваа и по крајот на продолженијата од 15 минути. Карим Бензема кај Франција, а Сеферовиќ кај Швајцарија, се покажаа како главното оружје на двете селекции, успевајќи да постигнат по два гола за своите репрезентации.
По првото полувреме во Националната арена во Букурешт, Швајцарија успеа да дојде до водство од 1-0 против репрезентацијата на Франција, а овој шок на Дешамп и неговите фудбалери го приреди Харис Сеферовиќ во 15. минута, успевајќи да биде прецизен со глава. „Петлите“ до крајот на полувремето успеаа да ја контролираат играта, но без никакви сериозни шанси за гол.
Вториот дел од овој меч започна повторно со бледа игра на Французите, а ваквата нивна незаинтересираност можеше скапо да ги чини во 54. минута, откако беше досуден пенал за Швајцарија. Сепак, од овој момент започна и големиот пресврт, Љорис успеа да го одбрани ударот на Родригес од белата точка, па на сцена следуваше извонредниот Карим Бензема. Тој најпрво успеа да биде прецизен во 57. минута, а за нешто помалку од две минути повторно се запиша во листата на стрелци и донесе водство на Франција од 2-1.
До крајот на натпреварот следуваше вистинска драма, на лик на епскиот натпревар меѓу „црвената фурија“ и „коцкестите“. Пол Погба постигна феноменален гол од далечина во 75. минута и донесе убедливо водство од 3-1, но тогаш кога се чинеше дека рутински ќе биде завршен овој меч, повтортно се појави Сеферовиќ и намали на 3-2 во 81. минута, а во 90. минута Гаврановиќ изедначи на 3-3 и донесе продолженија од 15 минути, а подоцна и изведување на пенали.
Селекцијата на Швајцарија за противник во четвртфиналето ќе ја има „црвената фурија“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА