За првпат од 1966 година, англиската фудбалска репрезентација ќе се обиде да се пласира во финалето на едно големо натпреварување. Имено, „Гордиот Албион“ вечерва на својот „Вембли“ ќе се обиде да ја победи Данска во полуфиналето.
Иако многумина им даваат улога на фаворити во текот на целиот турнир, а особено по победата над Германија, аналитичарите ги ставаат во преден план за конечна прва победа во едно полуфинале и финале, сепак, Англичаните и покрај овие прогонози се многу внимателни. Хари Мегваер потенцираше дека Англија во минатото поминала низ болен трнлив пат, па сега е време да се рехабилитира на најдобар можен начин.
„Поразот во полуфиналето на Светското првенство и денес не боли. Затоа мораме вечерва да излеземе на терен со подобро чувство отколку што тогаш го имавме против Хрватска во Русија. Сега сме во многу подобра ситуација, имаме подобар тим, поголема мотивација и научивме многу од тоа искуство“, изјави англискиот дефанзивец.
Многу пати низ историјата, Англичаните се лизнале на крајот. Сеќавањата на Светското првенство во Русија одржано во 2018 година, кога загубија од Хрватска во полуфиналето, сè уште се свежи на Островот. Фановите, јавноста, но и самите играчи се надеваат дека по ваквите дуели имаат извлечено поуки, а истите ќе ги применат вечерва на најдовбар можен начин, остварувајќи голема победа и обезбедување на билет за финале на ЕП.
И покрај победата над Германија, Англичаните знаат дека ги чека голем и тежок предизвик против Данците.
„Данска е одлична репрезентација. Имаат одлични индивидуалци, добро интегрирани и тоа го докажаа низ сите претходни натпревари. Знаеме дека Данска ќе биде тежок противник, но фокусирани сме на нас самите. Мора да ја одиграме нашата најдобра игра и да одиме во финалето“, додаде Хари Мегваер.
Полуфиналниот натпревар Англија и Данска се игра вечерва со почеток од 21 часот, а противник на победникот од овој дуел во големото финале на ЕП ќе биде селекцијата на Италија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА