Луј ван Гал е стратегот што важи за фаворит за функцијата селектор на Холандија, откако „лалињата“ се соочија со сериозен проблем да најдат предводник што би го наследил Франк де Бур на кормилото на националниот тим.
Ерик Тен Хаг беше прва желба на федерацијата, но стратегот на Ајакс јасно стави до знаење дека нема да го напушти овој клуб за да стане селектор. Како опција беше споменуван и Џовани ван Бронкхорст, но ниту со него не беше најден заеднички јазик, како и со неколкуте страански стратези со кои беа почнати првични преговори, кои експресно беа прекинувани.
Холанѓаните немаат преголем избор, па сега се погласно зборуваат за враќање на Ван Гал, кој пред неколку години се пензионираше, но сега би можел да му се врати на фудбалот за да го предводи националниот тим. Тој ја предводеше Холандија на СП 2014, каде стигна до полуфиналето и на пенали загуби од Аргентина.
Потоа следеше преселба на клупата на Манчестер Јунајтед, каде Холанѓанецот остана до 2016 година, за една година подоцна да објави дека става крај на тренерската кариера.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА