Првиот човек на Бенфика, еден од великаните на европскиот фудбал, Луис Фелипе Виеира (72) е уапсен под сомнение за криминал, корупција, перење пари и затајување данок во акцијата на португалската полиција во која паднале уште три лица, двајца бизнисмени и еден менаџер.
Како што објавија португалските медиуми, акцијата на полицијата довела до претрес на 45 локации во Лисабон и Брага, меѓу кои и домот на првиот човек на најпопуларниот португалски клуб, потоа седиштето на банката „Ново Банко“, како и куќата на бизнисменот Жозе Антонио дос Сантош.
Истрагата е за измама, фалсификување на документи и исправи, перење пари во периодот од 2014 година до денеска, а засега нема детали дали во целата афера се вклучени и некои од џиновските трансфери за извлекување на пари од истите, затоа што Бенфика во изминативе години добро продаваше на фудбалскиот пазар и инкасираше стотици милиони евра.
Според основата на обвинението е дека Виеира го измамил комплетниот банкарски систем и како прв човек на клубот му овозможил на својот пријател, бизнисменот Дос Сантош да оствари голема заработка од продажбата на акции на Бенфика, а сето тоа во замена за бришење на своите долгови.
Виеира е прв човек на Бенфика од 2003 година, а ова не е првпат да се поврзува со обвиненија за криминал, корупција, затајување на данок и перење пари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА