Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ернест Ѓока и еден од најдобрите фудбалери Мевљан Мурати веруваат дека за тетовци апсолутно ништо не е загубено во желбата за пласман во 2. квалификациско коло од Лигата на шампионите, и покрај поразот (0-1) од словенечкиот шампион Мура на првиот натпревар во Скопје.
Вечерва од 20 часот на стадионот „Фазанерија“ во Мурска Собота македонскиот шампион ќе се обиде да ја анулира минималната предност на Словенците и да го продолжи европското лето.
„Дефинитивно веруваме дека можеме да го минеме првото квалификациско коло, бидејќи тоа го докажавме на првиот натпревар во Скопје, и покрај лошата среќа поради која не успеавме да го најдеме патот до противничкиот гол и покрај тоа што шансите беа огромни. Мура е физички силен тим, и сигурно не случајно е шампион на Словенија. Но, ние веруваме во нашите квалитети и во победата. Од играчите побарав само две работи, да бидат поагресивни и да биде поенергични пред голот на противникот. Што значи шансите ќе мора да се користат во 100%“ – вели стратегот Ѓока.
Еднакво е размислувањето и на Мевљан Мурати.
„Позитивна е атмосферата во тимот. Подготвени сме за реваншот. Свесни сме за важноста на овој натпревар. Ние сме сигурни дека ќе дадеме се од себе за да го промениме резултатот и да дојдеме до пласман во следната рунда. Верувам дека можеме до победа, треба само реализацијата да ја подобриме, бидејќи доминиравме на првиот меч и само реализацијата не беше на нивото“ – истакнува Мурати.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА