Македонија отвора со Луксембург на ФИБА Челенџер за кошаркарки до 20 години

Во доста изменет формат, наместо Европско првенство од Дивизијата „Б“, во форма на турнир, насловен како „Челенџер“ денеска во Скопје стартува оној за кошаркарки до 20 години.

Една од петте селекции ќе биде и македонската, кои ќе се борат за што подобар пласман, како што предвидуваат „правилата на игра“ на ФИБА за ова лето, според кои „нема поразени“.

Во доста добра, позитивна атмосфера нашите девојки и стручниот тим предводен од селекторот Саша Димитријевиќ ги дочекуваат натпреварите во салата СРЦ „Кале“ во Скопје.

„Пред почетокот на подготовките кажав дека овој ФИБА турнир ќе биде еден тест за сите играчи да видиме на кого можеме да сметаме во сениорска конкуренција. Презадоволен сум од работата и ангажирањето на сите играчи, секогаш на секој тренер му недостасуваат уште десет дена работа, па така и мене, за работите, како се вика, да легнат на свое место. Многу малку време со нас поминаа Митрева и Николиќ. Но што е тука е, ќе се обидеме тоа да не се почуствува во играта“- вели селекторот Саша Димитријевиќ.

Свесен е дека оваа млада селекција вистинските резултати треба да ги даде во некоја блиска иднина. Но нема откажување…

„На претходните првенства, против репрезентациите со кои играме на овој турнир имаме негативен биланс. Како ќе биде и дали има напредок кај нашиве девојки ќе видиме уште вечерва, кога играме со Луксембург. Морам да потенцирма и тоа дека повеќето девојки се една година помлади така да резултатите од оваа работа треба да дојдат следното лето. Голем хендикеп е и тоа што играме дома пред празни трибини, сигурен сум дека публиката ќе беше и мотив плус за сите“.

Добра работа пред почетокот на турнирот е што оној подготвителен период помина(л) без проблеми.

„Во оваа прилика би ја пофалил работата на цел стручен штаб бидејќи цели подготовки кој беа доста напорни, ги поминавме без ниту една повреда. Бранко Крстевски се грижеше за физичката подготовка, Анета Глигорова, како и на лекарскиот тим кој е тука со нас. Одиме да се надигруваме да се обидуваме и да победуваме“- порачува Димитријевиќ пред премиерата, од 21. часот, против селекцијата на Луксембург.

Распоредот на овој прв ФИБА „Челенџер“, за кошаркарки „Под 20“ години, предвидува пет натпреварувачки денови, и еден слободен, на 16. јули.

Нашата репрезентација ќе го отвори турнирот на 13. јули, од 21. часот, против соодветната селекција на Луксембург. Ден подоцна, во ист термин, следува натпреварот против Романија.

По два дена пауза, на 17. јули, Македонија ќе игра против селекцијата на Словачка, а турнирот ќе го затвориме со натпреварот против Косово, закажан за 18. jули од 21.часот.

Сите натпревари од ФИБА „Челенџер“ турнирот во Скопје, ќе се играат во салата на СРЦ „Кале“.

СОСТАВ НА МАКЕДОНИЈА

Тијана Митрева бек 174см

Матеа Николиќ силно крило 190см

Елена Тасевска ниско крило 185см

Стефани Костова бек 170см

Катерина Поп Димитровска бек 172см

Марија Устијаноска бек 180см

Сара Максимовска бек 178см

Камелија Игнатова бек-шутер 174см

Наталија Секуловска ниско крило 185см

Амина Личина центар 186см

Теона Поп Стојанова бек-шутер 187см

Елијана Христи Граматикова центар 186см

Селектор: Саша Димитријевиќ

Асистент-тренер: Анета Глигорова

Асистент-тренер: Бранко Крстевски

 

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

13. ЈУЛИ

17.00: Словачка – Косово

21.00: Македонија – Луксембург

Романија – слободна

14. ЈУЛИ

17.00: Луксембург – Словачка

21.00: Романија – Македонија

Косово – слободна

15. ЈУЛИ

17.00: Косово – Луксембург

21.00: Словачка – Романија

Македонија – слободна

16. ЈУЛИ – СЛОБОДЕН ДЕН

17. ЈУЛИ

17.00: Романија – Косово

21.00: Македонија – Словачка

Луксембург – слободна

18. ЈУЛИ

17.00: Луксембург – Романија

21.00: Косово – Македонија

Словачка – слободна

Се вчитува...