Јуниорската репрезентација на Македонија не успеа да приреди изненадување на дуелот против фаворитот Холандија, иако „црвено-жолтите“ 45 минути имаа водство против „лалињата“ (25-29). Слично како и на претходниот дуел со Фарските Острови, македонските млади ракометарки загубија сила во финишот, кога промашија и неколку пенали и чисти шутеви, што фаворизираната селекција на Холандија знаеше да го искористи за на крајот да слави и со незаслужено висока победа од .
Одличната одбрана на Македонија им создаваше големи проблеми на Холанѓанкие на стартот, додека на спротивната страна Ана Марија Коларовска постигна три гола за водство на нашите млади ракометарки од 3-0. Македонија имаше и 5-1 на почетокот, при 5-2 Седлоска не искористи седмерец, но нашитте ракометарки продолжија со фуриозна игра, па во 10. минута поведоа со 7-2, принудувајќи го холандскиот селектор на тајмаут. „Црвено-жолтите“ поведоа и со најубедливи 8-2, а благодарение на фантастичната игра во одбрана овозможи во 20. минута да имаме водство од 10-5, за по еден примен гол од контранапад Савевски да побара тајмаут при предност на Македонија од 10-6. Холанѓанките заиграа далеку подобро во одбраната, што им овозможи лесни голови на спротивната страна и намалување на негативата на 11-10. Избраничките на селекторот Савевски умешно го привршија полувремето при крај, на одмор заминувајќи со водство од 14-12, по голот примен од седмерец на самиот крај од првиот дел.
Вториот дел почна со израмнета игра, во која Македонија десетина минути одржуваше водство меѓу еден и два гола разлика. Новото исклучување во нашите редови им овозможи на „лалињата“ да врзат два гола во серија и на половина од второто полувреме да го израмнат резултатот на 20-20. Холандија првото водство го имаше во 49. минута, кога Моленар реализираше од контранапад, а судиите не санкционираа груб прекршок над една наша ракометарка, која се здоби со скршеница на носот во акцијата штто претходеше на контранападот. Проблемите се зголемија откако Коларовска, која до тој момент беше најдобар стрелец со седум гола, во 51. минута доби црвен картон поради три исклучувања. Холанѓанките знаеја како да го искористат тоа, се одлепија резултатски и на крајот славеа со 29-25.
Коларовска беше најдобар стрелец на Македонија со седум гола, а по шест постигнаа Миновска и Јанкуловска, додека Молер беше најефикасна во холандскиот табор со девет погодоци.
Македонија утре во последното коло ќе се сретне со Косово, но само со минимални шанси за пласман во полуфиналето, поради значително полошата гол-разлика од Фарските Острови во трката за второто место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА