Јуниорската репрезентација на Македонија утре ќе се сретне со Исланд во борба за петтото место на ЕХФ-шампионатот што се одржува во Скопје, откако нашите млади ракометарки денеска славеа над Финска со резултат 31-25, во разигрувањето за пласман од петтата до осмата позиција. Како пресудно се покажа второто полувреме, во кое Македонија уште во раната фаза го скрши отпорот на противникот и на крајот стигна до заслужена победа.
Добрата игра на Македонија во одбраната придонесе финскиот селектор веќе во 3. минута да го побара првиот тајмаут, при резултат 1-1. Неговите совети не придонесоа премногу во нападот на Финска, но затоа одбраната на противникот беше на високо ниво, не дозволувајќи нашите ракометарки посериозно да се одлепат во првото полувреме. Најубедливото водство на „црвено-жолтите“ беше два гола (8-6), но Финките се вратија и на одмор се замина со израмнети 11-11.
Ситуацијата осетно се промени во второто полувреме, во кое Македонија за десет минути постигна дури седум гола и стигна до „плус пет“ (18-13). Противникот се приближи на 18-15, Савевски побара тајмаут, а по таа минута одмор Македонија повторно заигра во својот препознатлив ритам, доминираше на теренот и заслужено славеше со конечни 31-25.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА