Милан е на прагот да го ангажира посакуваното засилување на плејмејкерската позиција, играчот што „росонерите“ го сакаа во своите редови од моментот кога стана јасно дека Хакан Чалханоглу ќе го напушти тимот. Станува збор за Никола Влашиќ, хрватскиот ас кој игра во извонредна форма за ЦСКА Москва и кој начелно веќе ги има договорено личните услови за преселба на „Сан Сиро“.
Проблем досега правеше неговиот клуб, бидејќи ЦСКА не сакаше ни да чуе за позајмица на Влашиќ, откако првата понуда на Милан изнесуваше пет милиони евра за позајмица и дополнителни 20 милиони за откуп на неговиот договор. Сепак, самиот фудбалер ги убедил челниците на рускиот клуб да не му стојат на патот кон остварување на сонот, по што челниците на ЦСКА попуштиле, па сега би прифатиле вкупна сума од 30 милиони евра, првиот дел платен летово за позајмица на Влашиќ, а остатокот и со задолжителниот откуп наредното лето.
Милан без поголеми проблеми ќе ја крене понудата од 25 на 30 милиони, особено ако се знае дека поголемиот дел од парите би ги платиле следното лето, кога ќе имаат и поголеми приходи по овосезонското учество во Лигата на Шампионите. „Росонерите“ во изминатите 48 часа го комплетираа трансферот на Оливие Жиру од Челси, а го доведоа и Фоде Бало Туре, левиот бек на Монако кој пристигна на „Сан Сиро“ за сума од четири милиони евра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА