Спалети за Елмас: Имаме феномен во тимот, не може секој да ги разбере неговите карактеристики!

Новиот тренер на Наполи, Лучијано Спалети, не го крие своето воодушевуање од македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Уште на стартот од преземањето на тимот, поранешниот тренер на Рома, Зенит и Интер признава дека во тимот има феномен кој не може секој да го разбере.

„Не можете да ги разберете карактеристиките на Елмас, зашто ги има премногу. Зашто може да го користите каде сакате“ – одговорил Спалети на новинарско прашање на отворениот ден со медиумите во кампот на Наполи.

Веднаш потоа новиот тренер на Наполи дополнил дека Елмас треба во иднина да биде еден од клучните фудбалери на тимот.

„Елмас е фудбалер кој буквално може да игра каде сакате. Ние пред себе имаме нешто навистина исклучително, кога ќе ги погледнете сите негови квалитети и карактеристики. Веројатно се соочуваме со феномен. Тој е важен играч за кого јас многу добро знам каде ќе биде во тимот. Мислам дека најдобро ќе биде да е вистински фудбалер за врска, зашто секогаш е поврзан со топката, иако се чувствува добро во секоја улога“ – дополнува Спалети.

Елмас на дебито на Спалети пред новата сезона го даде првиот гол за Наполи, а асистираше за два гола во убедливата победа од 12-0 против нисколигашот Ауниа. Според најавите македонскиот фудбалер од Спалети во новата сезона ќе ја добие улогата на класичен плејмејкер, веднаш зад напаѓачот во формацијата 4-2-3-1.

Се вчитува...