Младинците на Симиќ против Швајцарија ќе се борат за првото место во групата

Македонската кошаркарска репрезентација до 20 години со трилер победата над Романија успеа да го осигура своето место во следната фаза од разигрувањето на ФИБА „Челинџерот“, а на избраниците на селекторот Тони Симиќ денеска од 16:30 часот им претстои дуел против Швајцарија кој ќе одлучува за првото место во групата.

Швајцарците вчера загубија од селекцијата на Луксембург, меѓутоа овој факт не ги олеснува работите на „црвено-жолтите“ кои ќе мораат да одиграат максимално концентрирано во текот на целиот натпревар, за разлика од мечот против Романците кога успеавме да загубиме предност од 19 поени.

„Имав прилика да погледнам добар дел од овој меч. Мислам дека конечниот резултат и не е изненадување. Луксембург не е селекција која треба да се потцени. Без оглед на поразот, сметам дека Швајцарија има подобар ростер, и дека денеска нè очекува уште потежок натпревар во однос на првите два. Го откажавме утринскиот тренинг, дечките треба малку да одморат. Три натпревари во три дена, тоа е убиствен ритам. Очекувам да одиграме уште подобро против Швајцарија и да бидеме дел од полуфиналето“ – вели Симиќ.

Се вчитува...