Македонската репрезентација за кошаркари до 20 години не успеа да се пласира во финалето на ФИБА Челинџер-купот кој се игра во Унгарија, откако во полуфиналната пресметка загуби убедливо од домашната селекција со 99-44.
Уште од самиот почеток на дуелот беше јасно дека избраниците на Тони Симиќ воопшто немаат сили да им парираат на далеку поквалитетните Унгарци кои првата четвртина ја добија со 29-10 најавувајќи ја убедливата победа.
Се во продолжение на натпреварот беше само унгарска доминација која на крајот заврши со победа од 55 поени разлика.
Единствен расположен за игра во македонската репрезентација беше Љубиша Димитровски со 18 поени, дополнети и со девет скока и три асистенции, а Даниел Иванов запиша 9 поени. Кај Унгарците буквално сите кошаркари се запишаа во листата на стрелците, а најефикасен беше Палаи со 15 поени.
Во финалето на турнирот ќе играат домаќинот Унгарија и селекцијата на Белорусија која во првата полуфинална пресметка беше подобра од Швајцарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА