Семејствата на челниците на МОК и АМС како олимписка делегација за Токио!?

Македонскиот спорт, со чесни исклучоци, веќе 30 години е само статистички учесник на најголемата спортска смотра во светот – Летните олимписки игри. Но затоа, пак, не е никаква тајна дека Македонскиот олимписки комитет е една од најнетранспарентните домашни институции во која долги години поединци ги реализираат единствено личните интереси, и ништо друго!

Така е, се чини, и сега околу нашето учество на ЛОИ во Токио. Македонската јавност, освен оние најтривијални информации за осумте македонски партиципиенти на Олимписките игри кои се во Токио главно само поради вајлд-картите на ИОК, нема апсолутно никаков друг увид околу организацијата на патувањето во Јапонија и кој се од Македонија е дел од олимписката делегација, на шетање во Токио.

На социјалните мрежи, пак, се појави список од Македонскиот олимписки комитет, потпишан од претседателот Даниел Димевски, со датум од 5. мај а испратен до националната техничка група за вакцинација во кој се наведуваат лица за приоритетна вакцинација за патувањето во Токио. И голманот на РК Вардар, поранешниот македонски репрезентативец Борко Ристовски го сподели списокот на туристи во Токио најавувајќи дека одговорност мора да има.

На листата која е споделена на социјалните мрежи, и тоа како ОЛИМПИСКА ДЕЛЕГАЦИЈА, се наведуваат и лица членови на семејствата на водечките луѓе на МОК, Даниел Димевски и Владимир Богоевски, но и директорот на АМС, Наумче Мојсоски.

Потврда за листата на патници македонските медиуми од МОК не добија пред заминувањето на нашата делегација во Токио. Но, споделените информации само ја потврдуваат дополнително долгогодишната констатација за ‘недопирливоста’ на Македонскиот олимписки комитет како организација која функционира далеку од очите на јавноста како еден вид туристичка организација.

Од неодамна нов член на УО на МОК е и поранешниот сопственик на Вардар, Сергеј Самсоненко кој го остави клубот да тоне како никогаш досега во својата историја. А, за тоа доби „награда“ сместувајќи се во раководните органи на Македонскиот олимписки комитет (!!???)

Бројни реакции Македонскиот олимписки комитет доби уште пред стартот на ЛОИ во Токио околу изборот на спортисти кои ќе патуваат во Јапонија, пред се околу изборот на спортистите кои добиваат вајлд-карти за учество на Игрите.

Се вчитува...