Федерика Пелегрини испишува историја во олимпиското пливање откако Италијанката стана прва што успеала да стигне до финалиња на пет Олимписки Игри во иста дисциплина.
Станува збор за трките на 200 метри слободно, на кои Пелегрини беше втора во Атина во 2004 година, освои злато четири години подоцна во Пекинг, потоа беше петтопласирана во Лондон во 2012 и на четвртото место во Рио во 2016 година.
Таа едвај се пласираше во полуфиналето остварувајќи 15-то најдобро време, но затоа утрово пливаше извонредно, обезбедувајќи си место во финалето, за уште еден рекорд во кариерата на извонредната Италијанка.
„Немам зацртано некоја посебна цел, сакам само да влезам во базенот и да испливам најдобро што можам. Утре ќе го пливам своето последно олимписко финале на 200 метри, затоа сакам да им се заблагодарам јавно на сите оние кои се дел од мојот тим во изминатите години. Париз 2024? Благодарам, но не благодарам, моето тело веќе не може да ги издржи напорите“, изјави Пелегрини.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА