Отворено со најдобрите македонски спортисти. Оние кои секојдневно ги красат спортските страници, но и со оние подзаборавените. Нивните успеси, размислувања, желби и очекувања пред идните спортски предизвици – секој вторник на ЕКИПА.МК.
======================================================================================
Македонија добива нова надоаѓачка ѕвезда во името на еден од најголемите фудбалски таленти од австралискиот шампионат, Стефан Чолаковски. Момчето кое досега никогаш не било во Македонија, но кое и тоа како не ја крие радоста од повикот за настап на македонскиот дрес, и официјално се приклучува на репрезентацијата до 21 година во септемврискиот квалификациски почеток за пласман на ЕП.
Токму тоа е повеќе од доволен повод за интервјуто на 21-годишниот член на австралискиот шампион Мелбурн сити за ЕКИПА, кој во телефонскиот разговор со нас од Австралија комплетно отворајќи го срцето ја потенцира желбата во иднина со Македонија да биде дел од европски или светски шампионат.
===============================================================================
Што значи за тебе повикот за настап во дресот на македонската репрезентација?
Огромна чест и задоволство. И ова не се само празни фрази, затоа што навистина сум возбуден од повикот за настап во националниот дрес за земјата од каде се моите родители, но и земјата која ја носам во срцето како своја без разлика што сум роден во Австралија и што досега никогаш не сум бил во Македонија.
ПО РАЗГОВОРОТ СО БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ МИНАТАТА ГОДИНА ВЕДНАШ ЈА ПРИФАТИВ ПОКАНАТА ЗА НАСТАП ЗА МАКЕДОНИЈА
Како се случи моментот кој пресуди да биде донесена и дефинитивната одлука во иднина да настапуваш за Македонија, и покрај тоа што и Австралија посакуваше да те види во олимписката селекција за настап и на ЛОИ во Токио?
Желбата за настап за македонската репрезентација некако тајно ми се всади во срцето пред четири години кога во еден неформален разговор господинот Игор Ордев онака незадолжително ми рече: „Ајде, па еден ден да те видиме во дресот на Македонија“. Но, тоа остана така, како разговор на шега. Се до минатата година кога добив повик од менаџерот на младата репрезентација, господинот Зоран Зафиров од Фудбалската федерација на Македонија кој ми посочи дека тогашниот селектор на селекцијата до 21-година Благоја Милевски ги следел моите настапи за Мелбурн сити и сака да ме види во националниот тим. Потоа следеше и директниот разговор со господинот Милевски, и по тој разговор јас веќе воопшто не размислував дали да ја прифатам или не поканата во иднина да играм за Македонија. Имаше договор да допатувам и на јунскиот собир на младата репрезентација, но поради строгите Ковид-19 протоколи во Австралија пропадна таа можност. Затоа сега и дефинитивно ќе бидам на располагање на националниот тим за септемвриските квалификации. И навистина сум пресреќен поради тоа.
Стефан за првпат доаѓа во Македонија?
Да, досега никогаш не сум допатувал во Македонија. Но јас навистина знам буквално се за Македонија. Моите родители се од Битола, и добивам постојано информации за Македонија од моето семејство, од моите роднини и да бидам искрен сите се премногу возбудени што ќе ме видат во македонскиот дрес. Но, верувајте не повеќе од мене!
Во септември ќе бидеш дел од младата репрезентација кој против Франција и Србија ги почнува квалификациите за ЕП 2023. Но, желбата е уште долго потоа да бидеш во националниот дрес и во најдобрата македонска репрезентација…
Секако желбата е преку младата репрезентација во иднина да дојдам до настап и за најдобрата селекција. Знам дека Благоја Милевски сега е селектор на А-тимот и мојата интенција ќе биде да ја оправдам довербата и во иднина да добијам повик и за сениорската селекција.
ПАНДЕВ Е КРАЛОТ – ЗА МЕНЕ ЌЕ БИДЕ ОГРОМНА ЧЕСТ ВО ИДНИНА ДА ИГРАМ СО ЕЛМАС, БАРДИ, АЛИОСКИ, АДЕМИ, РИСТОВСКИ…
Ги следиш ли настапите на македонските репрезентации. Запознаен ли си со некој од репрезентативците?
Да, да. И тоа како. Ги гледав сите натпревари на Македонија на ЕВРО 2020. Бев навистина горд. Не можам да го опишам чувството кога ја гледав македонската репрезентација на Европското првенство. Верувајте целокупната македонска заедница во Австралија со огромна гордост ги следеше натпреварите. Не треба да трошам зборови за сите тие фудбалери со кои во иднина би сакал да играм. Пандев е кралот за кого не треба да се зборува, а за мене ќе биде огромна чест во иднина да играм со Елмас, Барди, Алиоски, Адеми, Стефан Ристовски… со чии кариери и тоа како сум запознаен и ги следам.
ТИТУЛАТА СО МЕЛБУРН СИТИ Е ОСТВАРУВАЊЕ НА МОЈОТ СОН… НО, НЕ ЗАСТАНУВАМ ТУКА!
Од навивач на Мелбурн сити како дете, па преку фудбалската академија Стефан Чолаковски успеа да го оствари својот сон и да заигра за својот омилен клуб во градот во кој е роден. Првите фудбалски чекори се во Есендон Ројалс, па преку Паско Вејл неговиот исклучителен фудбалски талент е забележан од тренерите на Мелбурн сити кои го вклучуваат во фудбалската академија на клубот, за да изминатава сезона дојде и до шампионскиот трофеј со првиот тим на Мелбурн сити.
Јас и мојата фамилија сме од многу одамна навивачи на Мелбурн сити. Како дете бев често не само на натпреварите туку и на тренинзите на клубот. Настапот во првиот тим на Мелбурн е остварување на мојот сон. Немаше посреќен на светот од мене во моментите кога ги запишав првите минути за Мелбурн сити во најсилниот шампионат на Австралија.
Изминатава сезона, иако со само 20 години, запиша 27 настапи во првиот тим, постигнувајќи и три погодоци. Беше дел и од големото финале против Сиднеј за шампионскиот трофеј со Мелбурн сити, клуб кој е дел од фудбалската групација на Сити во чија сопственост се и Манчестер сити, Њујорк сити, јапонскиот Јокохама маринос, шпанска Џирона, белгиски Ломел, уругвајски Монтевидео сити, кинески Шичуан…
Не може да се опише со зборови чувството од големото финале и освоениот трофеј. Играв во финалниот натпревар пред полн стадион, а на крајот дојдовме и до титулата. Минав навистина извонредна сезона и на личен план. Секако задоволен сум што на овие години сум постојано дел од првиот тим на клуб како Мелбрун сити, но не застанувам тука…
Можеби во иднина Стефан се гледа во клуб и во некоја од најсилните лиги во Европа?
Секако. Би сакал во иднина да бидам дел и од клубот од некоја од најсилните пет лиги во Европа. Тоа е моја желба и еден вид остварување на сонот. Секогаш е престиж буквално за секој фудбалер да игра во најсилните европски лиги, па зошто да не?
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА