Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години со пораз го започна ФИБА Челинџерот кој се игра во Скопје. На првиот ден од турнирот подобра од ‘црвено-жолтите’ беше Хрватска која славеше со 108-77.
Уште на почетокот на натпреварот забележлива беше предноста на Хрватите во висината на паркетот, која умешно ја користеа за лесни поени во нашиот рекет. Дополнителен проблем за избраниците на Василев беше и реализацијата во нападот каде и покрај добриот проток на топката, момците во ‘црвено-жолто’ не успеваа да постигнат поени од поле па сето тоа резултира со двоцифрена предност на Хрватска по 10. минути игра (25-11). Како што одминуваше првото полувреме така Македонија успеа да ја крене реализација и да ја намали предноста, но четвртата лична грешка на Хот создаде дополнителни проблеми во заштита на рекетот. Хрватите од минута во минута ја зголемуваа предноста, постигнаа и лесни поени во транзиција па на полувремето имаа +24 (53-29).
Второто полувреме не донесе промени на паркетот. Големата предност на Хрватите овозможи двата тима да играат во поопуштен ритам во кој нашиот состав се издвоија Митревски и Наков, но Хрватска по 30. минути игра ја зголеми предноста (83-53). Последните десет минути беа само формалност во кои двата тима прикажаа атрактивни потези.
Кај нашата репрезентација најефикасен беше Андреј Митревски со постигнати 13 поени на кои додаде и 4 асистенции, а него го следеа Мемед и Наков со по 11 поени. Кај Хрватска убедливо најдобар беше Андрија Јелавиќ со 24 поени и 8 скока за 22 минути поминати во игра.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА