Челси нема намера да се откаже од Ромелу Лукаку, откако лондонскиот клуб веќе имаше две одбиени понуди од Интер за „белгискиот џин“. Сепак, челниците на актуелниот европски првак се свесни за големата финансиска криза на Интер, што планираат да ја искористат за да ги убедат „нероаѕурите“ да им го продадат својот најдобар напаѓач.
Последната понуда од 100 милиони евра, во која беше вклучен и Маркос Алонсо, беше одбиена од италијанскиот шампион, но „сините“ сега се подготвени да платат 120 милиони евра, само за да го осигурааат потписот на Лукаку. Томас Тухел е свесен дека му е неопходен врвен голгетер за да се бори за титулата во Премиер-лигата, а откако стана јасно дека Халанд е невозможна мисија вниманието целосно се насочу кон Лукаку.
И самиот фудбалер сега сериозно ја разгледува опцијата за камбек на „Стемфорд бриџ“, откако Челси му понудил договор од еден милион евра месечно, за наредните пет години (вкупно 60 милиони евра, плус бонуси во зависност од бројот на голови и освоени трофеи). Лукаку беше член на Челси од август 2011 година, кога „сините“ платија 18 милиони фунти за да го доведат од Андерлехт. Сепак, тој одигра само десет средби, најчесто беше испраќан по позајмици, за во 2014 година да биде продаден во Евертон за 28 милиони фунти.
Конте сакаше да го врати Белгиецот во Челси додека беше менаџер на овој премиерлигаш, тогаш тој заврши во Манчестер Јунајтед, но Лукаку чувствува дека има „незавршена мисија“ на „Стемфорд бриџ“ и подготвен е да се врати доколку Интер се согласи да го продаде во овој преоден рок.
Овој трансфер би ги решил сите финансиски проблеми на „нероаѕурите“, но воедно и сериозно би го ослабнал играчкиот кадар, откако веќе беше продаден и Ашраф Хакими, додека Кристијан Ериксен сигурно нема да смее да игра во Италија по срцевиот удар што Данецот го преживеа за време на ЕВРО 2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА