Турски бек потпиша за Металург

Металург успешно комплетираше уште еден трансфер, откако поранешниот македонски првак потпиша двогодишен договор со  Турчинот Халил Озтурк (25 г., 190 см., 90 кг.).

Озтурк доаѓа од екипата на актуелниот шампион на Турција, Спорт Тото (порано позната како Мили Пјанго) и за него Металург е прво интернационално искуство. Станува збор за играч кој настапува на позициите лев бек и среден бек.

Халил Озтурк потекнува од редовите на турскиот тим Нацинал лотарија, чиј член бил до својата 22. година. Во сезоната 2018/2019 беше дел од турскиот тим Гозтепе, а последните две сезони ги мина во редовите на Спор Тото, со кој годинава го освои турскиот шампионат. Зад себе Озтурк има 55 настапи за младинските селекции на Турција, со кои во 2013 година добил место во олстар-тимот на Балканското првенство, а на младинските Медитерански конфедерациски игри во Италија 2014 бил прогласен за најдобар централен бек во олстар-тимот. Новото засилување веќе тренира со Металург  во Маврово.

“Многу сум среќен и возбуден што доаѓам во голем клуб како Металург, бидејќи ова е голем чекор напред во мојата професионална кариера. Особено ме радува одличниот прием на тренерот и соиграчите и тоа што одлично се работи за време на тренинзите. Ветувам дека ќе го оправдам мојот ангажман со давање на мојот максимум во остварување на клупските амбиции, а со мојата добра игра би сакал на најдобар можен начин да ја претставам мојата земја“, изјави Озтурк.

Покрај Озтурк, Металург досега се засили со тројца Французи, браќата Оливие и Кевин Њокас и Абдула Мане, Португалецот Улисис Рибеиро и македонските ракометари Костадин Петров, Бобан Каковски и Димитар Бардаковски. И покрај осумте засилувања, ростерот на Металург се уште не е затворен.

Се вчитува...