Се ближи почетокот на новата сезона во ракометната Лига на Шампиони, а ЕХФ вообичаено прави избор на најдобрите трансфери комплетирани во текот на летото. И годинава на оваа топ-листа има место за нов ракометар на Вардар, откако „црвено-црните“ успеаја да го ангажираат шпанскиот репрезентативец Едуардо Гурбиндо од редовите на Нант.
Овој трансфер на „вардарци“ е оценет како петти најдобар во Европа, а македонскиот првак во Гурбиндо би требало да добие сериозна опција на десен бек, откако ланската сезона најчесто се експериментираше со Чупиќ на оваа позиција.
„Шпанскиот десен бек бара нова авантура, а Македонија и Вардар со раширени раце го дочекаа Гурбиндо. Страста на скопските фанови е уште поголема од Нант и нема сомнеж дека Гурбиндо ќе има значајна улога во тимот, откако неколку искусни играчи си заминаа летово. Благодарение на богатото искуство, јасно е дека двократниот овојувач на Лигата на Шампионите ќе биде лидер на Вардар оваа сезона“, се вели во описот на ЕХФ за трансферот на Шпанецот.
Трансфер број 1 во ракометна Европа летово е оној на француското крило Наи од ПСЖ во Киелце, пред Арон Палмарсон и неговата преселба од Барса во Алборг, Емил Јакобсен од ГОГ во Фленсбург и Мелвин Ричардсон од Монпелје во Барселона.
Меѓу најдобрите десет трансфери има место и за поранешниот „вардарец“ Иван Чупиќ, кој се најде на осмата позиција со преселбата во редовите на Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА