Еурофарм Пелистер апсолутно заслужено го крена пехарот во Суперкупот на Македонија, прекинувајќи ја тригодишната доминација на Вардар во ова натпреварување. Битолчани одиграа извонредно второто полувреме, демонстрирајќи ја сета своја моќ на офанзивен план, но и покажувајќи на дело дека повторно избраа одличен голман, во Унгарецо Секели на местото на Хендави.
Фактот дека битолските „фармацевти“ го задржаа поголемиот дел од ростерот беше очигледен, воиграноста и во нападот и во одбраната беше на највисоко ниво, а со максимален пристап на каков што инсистираше тренерот Бабиќ триумфот беше „загарантиран“.
На спротивната страна, Веселин Вујовиќ изненади многумина со одлуката мечот да го мине без голем дел од летните засилувања. Тој ги криеше адутите пред четвртфиналето од СЕХА-лигата против Загреб, но на „Вујо мајсторе“ по денешниот убедлив пораз сигурно му стана јасно колку ќе му биде тешко да се задржи на тронот на мак-ракометот.
Затоа што Еурофарм Пелистер делува зрело за да ги замрси сметките на „вардарци“ во овогодинешната борба за трофеите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА