Ракометниот клуб Вардар во новата сезона повторно ќе се бори на три фротна – македонското првенство, СЕХА лигата и Лигата на Шампионите. Во однос на претходната сезона „црвено-црните“ имаат промени во својот табор, но повторно меѓу лидерите на тимот ќе биде искусниот Тимур Дибиров.
Рускиот интернационалец на денешната прес-конференција на тимот изјави дека овој тим не може да го даде полниот сјај на самиот почеток на сезоната, меѓутоа со трпение, тимот има квалитет да ги оствари зацртаните цели во сезоната.
„Не е нормално од почеток да играме убедливо и атрактивно. Ние сме во ситуација кога создаваме еден нов тим, имаме и нов тренер, нормално и за него и за нас ни треба време да се вклопиме. Секогаш ќе има многу ротација на пријателските натпревари, затоа што овие мечеви се за тоа, да се види кој со која комбинација е подобар, како се реагира за притисок и слично. Јас низ моите години што сум минал, знам дека ќе играме понатаму подобро и подобро. Ние имаме цел до крајот на сезоната, треба да ги заборавиме победите и поразите што минуваат, туку да одиме од фокус во фокус да ги оствариме работите кои ги планиравме. Имаме еден процес“ – изјави Русинот.
Оваа сезона „црвено-црно“ ќе носи и шпанскиот репрезентативец Едуардо Гурбиндо. Најзвучното засилување на Вардар оваа сезона изјави дека и следат голем број на натпревари, но фокусот засега е само на четвртфиналето од СЕХА лигата во кое вардарци силите ќе си ги одмерат со Загреб.
„Јас сум среќен што сум тука. За мене најважен е првиот натпревар против ППД Загреб и ќе се обидеме да излеземе спремни за тој двомеч. Имаме многу натпревари во Лигата на шампионите, СЕХА лигата и македонската Суперлгиа, но мислам дека четвртфиналето со ППД Загреб е најважен во овој момент и треба да се даде 100 отсто“ – вели Гурбиндо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА