Маџовски: Мешков Брест е квалитетен противник, но и ние веруваме во победа

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер го прекина шестнаесетгодишниот пост откако стигна до трофеј во Суперкупот на Македонија, притоа совладувајќи го големиот ривал Вардар во финалето. Сега пред избраниците на Бабиќ е нов предизвик наречен четвртфинале во СЕХА лигата каде за противник „зелено-белите“ ќе го имаат белорускиот претставник Мешков Брест.

Од таборот на битолскиот тим имаа само пофални зборови за фаворизираниот противник, но тоа нема да ги спречи да дадат се од себе за пласман во следната фаза од натпреварувањето.

„Не го оспоруваме квалитетот на Мешков Брест, но ние се подготвуваме и веруваме во победа. Во целост сме задоволни од последните две недели, одигравме одлични натпревари. Иако последниот натпревар го загубивме, одигравме одлично. Полека почнуваме да се вклопуваме и амбиентот пред овој натпревар е одличен. 

Иако имавме краток период да се спремиме по турнирот во Струга, мислам дека ќе бидеме подготвени. Не би издвојувал никого од Мешков Брест. Скубе е одличен играч, но имаат и одлични десни крила, добро се покриени на голманската позиција. Се работи навистина за одличен тим“, изјави Бојан Маџовски.

Натпреварот во „Боро Чурлевски“ на кој „зелено-белите“ ќе имаат и поддршка од петстотини навивачи од трибините е закажан за сабота со почеток од 20 часот и 15 минути.

Се вчитува...