Ракометарите на Вардар и на Загреб вечерва (20.15 часот) ќе ги одмерат силите во првиот четвртфинален дуел од СЕХА-лигата, што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, со присуство на гледачи во скопскиот ракометен храм. Двата тима вообичаено се редовни учесници на завршниците од регионалното натпреварување, но овојпат само за еден од нив ќе има место на фајналфор турнирот што следниот месец ќе се одржи во Задар.
За Веселин Вујовиќ ова ќе биде посебен дуел ако се знае дека стратегот на Вардар до пред неколку години со успех го водеше тимот на Загреб.
„Мислам дека ова ќе биде најнеизвесното четвртфинале во СЕХА. Очекувам тешки натпревари, а учесникот на фајналфор ќе биде познат по 120 минути игра. Ништо нема да се реши во Скопје. Загреб доаѓа овде во добра форма, додека ние полека влегуваме во посакуваниот ритам. Среќен сум што ќе има публика на трибините, поддршката на навивачите е многу важна за нашиот тим“, изјави Вујовиќ.
На спротивната страна, на клупата на Загреб седи поранешниот селектор на македонската репрезентација, Ивица Обрван.
„Нашите тринеделни подготовки завршија со турнирот во Добој. Сега пред нас се значајни мечеви со Вардар, според мене шансите на двата тима се израмнети. Резултатот од првиот меч нема да гарантира ништо, според мене патникот за Ф4 ќе се решава на 31 август во Загреб“, истакнува Обрван во пресрет на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА