Фуриозен финиш на Вардар за „плус четири“ против Загреб

Вардар ќе патува со предност од четири гола на реваншот против Загреб во четвртфиналето од СЕХА-лигата откако „црвено-црните“ по голема битка го добија денешниот прв дуел со 24-20. Хрватскиот состав се покажа како цврст ривал, но „вардарци“ благодарение на фуриозниот финиш и одличниот голман Томовски успеаја да стигнат до солидна предност пред реваншот што е закажан за 31 август.

Дуелот почна со брза игра на двете страни во која подобро се снајдоа „вардарци“. Гоце Георгиевски набрзина постигна три погодоци, прецизен беше и Анте Кудуз, па македонскиот првак набрзина поведе и со „плус два“ (5-3, 6-4, 7-5). Како што одминуваше времето така Загреб ја стабилизираше играта, а акциите на пивот им создаваа огромни проблеми на „вардарци“ во одбраната. „Црвено-црните“ не успеаја посериозно да се одлепат резултатски, а Вујовиќ пред крајот на полувремето го повлече од игра Борко Ристовски, на негово место уфрлајќи го Мартин Томовски. Во 29. минута резултатот гласеше израмнети 12-12, но Вардар со головите на Кудуз и на Дибиров од пенал на одмор замина со водство од 14-12.

„Вардарци“ одлично го почнаа и второто полувреме, па предводени од Кудуз набрзина поведоа и со четири гола разлика (17-13). И наместо серијата голови да продолжи, „вардарци“ влегоа во низа грешки во нападот, а Загреб знаеше како да го искористи тоа и да ја преполови негативата (18-16). Томовски блесна бранејќи му седмерец на Чупиќ по шесте успешни реализации на екс-вардарецот, а нешто подоцна запирајќи и два зицери на крилото Мандиќ.

Вардар охрабрен од одличните интервенции на голманот Томовски заигра уште подобро во одбраната, па гостинскиот тренер Обрван беше принуден да побара тајмаут. Вујовиќ се реши и за тактика со Дибиров како среден бек, а Русинот постигна фантастичен погодок за водство од 21-18, покажувајќи дека е мајстор на ракометната игра кој се снаоѓа на секоја позиција во тимот. Загреб за момент се приближи на 21-20, но „вардарци“ благодарение на цврстата одбрана не дозволија целосен камбек на гостите, добивајќи го овој драматичен дуел со 23-20, со головите на Дибиров и на Кудуз постигнати во последните триесетина секунди од натпреварот.

Тимур Дибиров беше најефикасен кај Вардар со седум гола (пет од пенал), исто толку постигна и Кудуз, Георгиевски остана на трите гола од првото полувреме, додека кај Загреб прв стрелец беше Иван Чупиќ со осум гола, шест од нив од пенал.

Патникот на фајналфор турнирот од овој двомеч ќе биде познат по реваншот што ќе се игра во Загреб на 31 август.

Се вчитува...