Љафтов пред ЕП: Првиот меч е клучен, многу брзо паѓаме, а тешко се креваме….

Одбојкарската репрезентација на Македонија ги финишира подготовките за ЕП 2021, во кое „црвено-жолтите“ ќе бидат дел од групата во Тампере заедно со селекциите на Финска, Шпанија, Холандија, Турција и Русија.

Селекторската смена на еден месец пред ЕП не ја наруши атмосферата меѓу репрезентативците, кои работат напорно, се со една единствена цел – да се обидат да направат чекор напред во однос на своето деби на европските шампионати и да се пласираат во осминафиналето.

„Нормално дека постои трема, ние не сме селекција што е редовен учесник на овие големи натпреварувања, но сепак е подобро отколку првиот пат кога бевме дел од едно ЕП. Имаме добра атмосфера, тоа е една од работите што ја красат нашата репрезентација. Се подготвуваме, утре патуваме за Финска, верувам дека сме подготвени. Имаме таков менталитет, секогаш првите натпревари ни се во некаков грч. Тоа е тренд што ни се повторува уште од настапите во Европската лига, исто така и на ЕП во Словенија. Тој дуел со Финска беше меч што треба да го добиеме, на хартија бевме фаворити, но на крајот претрпевме пораз од 1-3 во сетови во Љубљана“, вели Александар Љафтов, еден од најдобрите поединци во нашиот национален тим.

Идентично како и пред две години во Словенија, ривал на Македонија на стартот на ЕП ќе биде селекцијата на Финска, со таа разлика што Финците сега ќе ја имаат и улогата на фаворити во Тампере.

„И годинава настапот на ЕП го почнуваме против Финците, тоа е меч што сакаме да го добиеме и можеме да го добиеме. Се надевам дека ќе научиме од грешките. Треба да блеснеме бидејќи ако ја победиме првата средба, гарантирам дека ќе ја минеме првата фаза и ќе се пласираме во осминафиналето. Голем е влогот на тој прв натпревар бидејќи ние како репрезентација многу брзо паѓаме, а тешко се креваме. Оваа година групата што ја добивме е потешка отколку пред две години во Словенија. Не треба да правиме планови против кого имаме најголеми шанси за победа, но верувам дека имаме сличен квалитет со Финска, Шпанија и со Турција. ПРед две години однапред ја отпишавме Словенија, но успеавме да ги победиме, зошто и сега да не победиме некој фаворит. Ние навистина сме селекција што може да игра со секого и да победи секого, но се ќе зависи од нас, дали ќе играме најдобро што знаеме или ќе влеземе во грч во тој натпревар. Јас мислам дека треба да одиме „ден за ден“, да се фокусираме само на секој нареден натпревар и зошто да не, да успееме да добиеме неколку натпревари“, порачува Александар Љафтов.

Се вчитува...