Реал Мадрид не се договори со ПСЖ за мегатрансферот на Килијан Мбапе, но „кралевите“ како утеха договорија друго засилување од Франција.
Станува збор за Едуардо Камавинга, суперталентот од редовите на Рен кој во текот на денешниот ден ќе потпише договор со Реал. Слично како и кај Мбапе, договорот на Камавинга истекуваше во јуни 2022 година, а фудбалерот јасно стави до знаење дека нема да ја продолжи соработката со сегашниот клуб. Рен мораше да го продаде, а „кралевите“ го осигураа потписот во последниот ден од преодниот рок, нудејќи 31 милион евра за овој трансфер.
Фудбалерот веќе ги минал и лекарските прегледи и ќе го потпише договорот со Реал до 2026 година, а официјалната презентација се очекува по завршувањето на репрезентативната пауза.
Камавинга важи за „засилување за иднината“ на „кралевите“, кои во средниот ред ги имаат искусните Крос и Модриќ, но се очекува младиот Французин уште сезонава да покаже што знае и умее во дресот на Реал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА