Манасков и Веспрем доминантно до финале во СЕХА

Веспрем е вториот патник во финалето на СЕХА лигата откако славеше со убедливи 36-29 во полуфиналната средба против Мотор со што ја потврди фаворитската улога на овогодишното издание на интернационалното првенство. Во големото финале унгарскиот тим ќе се сретне со Загреб кој денеска славеше по изведување на пенали против Мешков Брест.

Изедначениот натпревар во кој ниеден тим не успеа да направи значајна предност траеше се до 23. минута од мечот кога при изедначен резултат (13-13), Унгарците направија серија од 6-0 со што стигнаа до убедлива предност кој ја задржаа и до полувремето (20-14).

Веспрем продолжи да го диктира темпото и во второто полувреме, а малото опуштање го искористи Мотор за во 44. минута да стигне до негатива од само два гола (25-23), но тука завршија надежите на Украинците за целосен пресврт. Унгарскиот тим ја стабилизираше својата игра на двата дела од теренот па во еден момент поведе и со осум гола разлика за мирен финиш на средбата.

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков натпреварот го заврши со два постигнати погодоци во противничката мрежа од четири обиди.

Се вчитува...