Унгарија поради хомофобија и расизам доби три меча суспензија од УЕФА за односот на навивачите на Европското првенство, па сега под уште пожестока казна е оваа земја од страна на ФИФА, која отвори постапка за расизам на вчерашниот меч Унгарија – Англија (0-4).
Бидејќи мундијалските квалификации се под ингеренција на ФИФА, на трибините во Будимпешта имаше гледачи, а Унгарија својата казна од УЕФА ќе ја одработи кога ќе почне да игра мечеви под капата на централата од Нион, но односот на навивачите повторно ги разбранува страстите на Стариот континент.
Прво жестоко Англичаните беа исвиркани кога клечеа пред почеток на мечот, а потоа според информациите, Џад Балингам и Рахим Стерлинг беа мета на расистички повици по што новиот испад се префрли и во политичкиот ринг.
Британскиот премиер Борис Џонсон побара од ФИФА „да започне постапка и најстрого да ги казни одговорните, со цел ова расистичко однесување засекогаш да се отстрани“.
„Ова веќе е неприфатливо, англиските фудбалери и синоќа беа расистички навредувани“, објави Џонсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА