Супер подвиг: Пролет го шокираше Гранолјерс среде Шпанија

ЕКИПА во Гранолјерс,

Стеван Цаневски

Екипата на Пролет оствари фантастичен резултат триумфирајќи со 27-29 на вториот меч против шпански Гранолјерс во квалификациите за Лигата на Европа. Поради поразот на првиот меч европската авантура на Пролет завршува, но македонскиот тим покажа квалитет и потенцијал во пресрет на стартот на домашната сезона, во која повторно ќе се атакува на излез во ракометна Европа.

Ракометарите на Пролет го отворија резултатот со погодокот на пивотот Аларов, но Гранолјерс веќе до 10. минута воспостави контрола поведувајќи со 5-2. Одговорот на македонскиот претставник следеше со двата реализирани седмерци на Пецаковски, но набрзо потоа следеа и две исклучувања на истиот ракометар. Аларов постигна два гола не дозволувајќи серија на Гранолјерс со играч повеќе, но шпанскиот состав сепак успеа да се одпепи и во 24. минута поведе со 13-8. Тајмаутот на тренерот Бошковски го промени текот на полувремето, следеа три гола во низа на Пролет, по што и домашниот стратег Рама Гарсија беше принуден да побара минута одмор. И двата тима до крајот на полувремето постигнаа само по еден погодок, по што на одмор се замина со два гола предност за шпанскиот состав (14-12).

Добрата игра од финишот на првиот дел продолжи и на стартот од второто полувреме, па во 36 минута Тинекс Пролет со третиот гол на Аларов стигна до израмнување од 15-15. Долго време се играше гол за гол, потоа Гранолјерс за момент поведе со 20-18, по што следеше фантастична серија на Тинекс Пролет. Македонскиот клуб најпрвин израмни, потоа преку Пецаковски поведе со 20-21, за одличната игра да продолжи и во наредните минути, па на половина од второто полувреме резултатот гласеше 20-23 во корист на Пролет. Иван Џонов блескаше во овој период од мечот, Пролет поведе и со 21-26, но потоа следеше голем пад во играта и Гранолјерс се приближи до 24-26. Цветковски имаше значајна одбрана не дозволувајќи домаќините целосно да се вратат, по што Палевски влезе во серија, а Аларов стави печат на победата, изразена со конечни 27-29.

Михаил Аларов одигра извонреден натпревар постигнувајќи седум гола од осум обиди, а по четири погодоци во овој голем триумф постигнааа Џонов, Палевски, Голубовиќ и Пецаковски.

Се вчитува...