Новореконструираниот стадион на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид, реконструиран со финансиски средства на ФФМ и Град Охрид преку Хет-трик програмата на УЕФА, денеска домаќин на натпреварот на младите селекции на Македонија и Србија од 2. коло во квалификациите за ЕП 2023.
„Билјанини извори“ доби комплетно нова трибина со капацитет од 1480 седишта, на која во централниот дел е изведена ВИП-ложа, коментаторска кабина и простор за камери. Согласно проектот, изведени се и сите внатрешни простории, кои се предвидени за современи спортски објекти од овој тип.
Македонската селекција до 21 година ќе го почувствува амбиентот на новиот „Билјанини извори“ во обидот да се дојде до првите бодови во квалификациите за ЕП 2023.
По поразот на првиот меч од Франција, избраниците на Драган Канатларовски ќе имаат повторно повеќе од тешка задача, сега против една од најдобрите европски селекции Србија. Дополнителен проблем за Канатларовски претставува отсуството на четворица стандардни репрезентативци. Марио Младеновски (Ботев Пловдив), Адриан Хајдари (Рапид Виена) и Димитар Тодоровски (Работнички) поради позитивен Ковид-19 тест ќе ги пропуштат двата воведни натпревари од квалификациите за ЕП 2023, додека Амел Рустемоски од швајцарски Вил поради повреда заработена на клупскиот тренинг не е во можност да се стави на располагање на националниот тим.
Натпреварот меѓу Македонија и Србија на „Билјанини извори“ во Охрид денеска почнува од 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА