Претседателот на ФИФА: Не ја исклучувам можноста Светското првенство да биде одржувано на секои две години

Џани Инфантино, претседател на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), отвори неколку интригантни теми на состанокот во Доха. Имено, Инфантино и челниците на ФИФА се во Доха, каде фудбалската организација спроведува дел од сопствената студија за тоа колку е изводливо и практично да се одржува Светското првенство на секои две години.

Иако таквата идеја брзо доби голем број на негодувања од членовите на Европската фудбалска организација и Меѓународниот олимписки комитет, Инфантино рече дека ништо не е јасно и дека допрва ќе биде анализиран ваквиот проект.

„Го проучуваме календарот и се консултираме со сите. Во сето ова, ние првенствено сакаме да го слушнеме гласот на самите протагонисти, односно играчите и тренерите. На почетокот не би сакал да отфрлам ништо како идеја“, рече Инфантино.

Инфантино ја потенцираше и пренатрупаноста на фудбалскиот календар и растечкото преплетување на клупските и репрезентативните обврски.

„Има премногу бесмислени натпревари и тековниот календар ги достигна границите. Овој вид распоред е неодржлив. Мораме да имаме единствен систем, кој значајно ќе го разликува клубот од репрезентативните натпревари“, заклучи Инфантино.

 

 

 

Се вчитува...