Женската фудбалска репрезентација на Македонија со пораз од 8-0 на гостувањето во Англија ги започна квалификациите за Светското првенство. Очекувано, Англичанките ја оправдаа фаворизираната улога и стигнаа до лесна победа со три гола во првото и пет во второто полувреме.
Натпреварот го отвори Туне во 12. минута, а кога се чинеше дека на полувремето ќе заминеме со негатива од само еден гол, Вајт во 42. минута донесе предност од 2-0, а со автоголот на Живиќ во 45. минута беше комплетиран првиот дел од натпреварот.
Англија продолжи во доброто темпо и во вторите 45. минути кои беа како пресликани. Во 67. минута повторно стрелаше Вајт за 4-0, во 77. минута Ингланд донесе 5-0, а во 79. минута нашите репрезентативки повторно ја погодија сопствената мрежа, но овој пат тоа го направи Коларовска.
До крајот на мечот Ингланд донесе 7-0 во 90. минута, гол со кој Англичанката го комплетираше и хет-трикот, а конечниот резултат го постави Мид во првата минуда од судиското продолжение.
Сите голови на денешниот натпревар можете да ги погледнете ТУКА.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА