Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри е лут што неговиот тим дозволи да прими гол во последниот дел од мечот и да остане без победа над Милан во големото дерби. „Старата дама“ поведе преку Алваро Мората во четвртата минута, а Анте Ребиќ во 76. им донесе бод на „Росонерите“ во натпреварот од четвртото коло во Серија А (1-1).
Неговиот тим не знае за триумф во воведните четири натпревари од шампионатот. Јуве ја зазема 18-та позиција на табелата со само два бода, осум помалку од водечките Интер и Милан.
„Вака не се освојуваат титули. Лут сум поради она што се случи на овој меч. Одигравме многу добро во првото полувреме, дозволивме еден удар, но за малку загубивме во второто. Го контролиравме натпреварот додека не изедначија, но кога играш добро и имаш водство на 15 минути пред крајот, треба да се браниш со нож во забите. Ако Милан не победеше, ќе испадневме од трката за скудето. Сега имаме шанса да се вратиме, но се започнува од последните 15 минути од натпреварот каде треба да се подобриме. Не можеме само да постигнуваме голови“, јасен е повратникот на клупата на Јувентус, Алегри.
Екипата од Торино има нова можност за прва победа во следното коло против Специја. Натпреварот е закажан за среда во 18.30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА