МЗТ Скопје успеа да го одбрани трофејот во Суперкупот на Македонија откако славеше над Работнички со 79-78 во неизвесен натпревар. Аеродромци имаа и двоцифрена предност на почетокот на последната четвртина, но Работнички успеа да најде решение за ‘сино-белите’, кое сепак по драмата на крајот не беше доволно за славје.
Почетокот на натпреварот беше во знакот на Работнички кој благодарение на шутот зад линијата 6,75 поведе со 4-10. Сепак избраниците на Радуловиќ ги консолидираа своите редови и со добра игра во рекетот не дозволија ‘одлепување’ на противникот, а и покрај тоа што ‘црвено-белите’ речиси постојано беа во предност во правата четвртина, добриот финиш на овој дел од играта на аеродромци донесе изедначување (18-18) по 10. минути.
Изедначениот меч продолжи и до самото полувреме, а втората четвртина беше пресликана. Агресивната одбрана на МЗТ Скопје брзо го исполни бонусот, а во проблем со лични грешки влезе бековската линија. Тоа го искористи Работнички за лесни поени од линијата за слободни фрлања, притоа центарци успеаја да ги лимитираат ‘сино-белите’ во играта во рекетот па во поголемиот дел од втората четвртина имаа блага предност. Но, МЗТ Скопје одговори на самиот финиш за на полувремето на семафорот да стои резултат 37-38.
Избраниците на Симиќ преку Џексон повторно успеаја да го наметнат своето темпо на отварањето на второто полувреме, но како што одминуваа минутите опадна темпото на ‘црвено-белите’ благодарение на добрата одбрана на МЗТ Скопје. Аеродромци фатија ритам и во нападот, проработе и шутот за три поени па го превземаа моментумот и водството на мечот кое по 30. минути игра изнедуваше +13 (67-54).
‘Штрковите’ успеаја да ја зголемат својата предност на отварањето на последната четвртина, но тука запре доброто темпо на МЗТ Скопје. Тоа го искористи Работнички кој преку шутот за три поени ја врати едноцифрената негатива, а потоа преку играта во рекетот ја сведе истата на само еден напад (72-70). Адем Мекиќ со две тројки во низа го врати својот тим во ‘комотна’ предност за момент, но следеше нов добар период на Работнички кој преку Џексон лесно правеше предност во нападот и стигна до негатива од само еден поен (79-78). Работнички имаше и шанса за водство, но промаши два обида кон противничкиот кош, а до крајот на натпреварот на семафорот остана истиот резултат.
Мекиќ со 27 поени беше главна фигура во таборот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски реализираше 16 поени, додека кај Работнички најефикасни беа Мустафица со 24 и Емерсон со 23 постинати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА