Првото полувреме меѓу Вардар и Алборг минува во фантастична борба од која ниту еден од тимовите по 30 минути игра нема предност. На одмор се замина со израмнети 16-16, откако „вардарци“ благодарение на петте одбрани на Борко Ристовски се вратија од негатива од четири гола против актуелниот европски вицешампион.
Натпреварот почна со две минимални водства на Алборг од 0-1 и 1-2, а Вардар првата предност ја имаше во шестата минута, кога Дибиров реализираше од седум метри. Сепак, првата криза во нападот на „вардарци“ донесе и серијата погодоци на данскиот состав, кој во 10. минута поведе со убедливи 4-7. Откако одбраната „пет еден“ не вроди со плод, Вујовиќ при негатива од 4-8 го побара првиот тајмаут.
По таа минута одмор Вардар заигра далеку поцврсто во одбраната, Оливие Нијокас го разбуди нападот на „црвено-црните“ и негативата експресно беше преполовена на 7-9. При резултат 7-10 Вујовиќ го стави на голот Ристовски на местото на Мартин Томовски. Навивачите им дадоа ветер во грб на „црвено-црните“, кои по негативата од 7-11 постигнаа три гола во низа и го натераа гостинскиот стратег да побара тајмаут. Борко Ристовски одбрани неколку чисти шутеви на Данците спречувајќи ги повторно да се одлепат, па Вардар во 24. минута успеа и да стине до ново изрманување, коа Валчак биеше прецизно за 13-13.
Ристовски одбрани уште еден силен шут кон неовиот гол, но потоа Вардар промаши напад за водство со „седум на шест“, по што Данците лесно казнија во празна мрежа. Стоилов одговори со два гола, Борко ја забележа и петтата интервенција за петнаесетина минути, по што Дибиров погоди „од место“ за водство на Вардар од 16-15. Кристенсен реализираше со многу среќа пред самиот крај на полувремето, за израмнети 16-16.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА