Македонскиот фудбалски репрезентативец Бобан Николов и неговиот Шериф приредија сензација совладувајќи го големиот Реал Мадрид среде „Сантијаго Бернабеу“. Молдавскиот тим со оваа победа успеа да запише шест бода во Лигата на шампионите и на тој начин се смести на првата позиција пред европските гиганти Реал Мадрид и Интер.
Бобан Николов влезе на теренот и ги одигра последните минути од овој дуел, па на крај успеа и да го размени својот дрес со фудбалерот од средниот ред на Реал, Лука Модриќ. Нашиот фудбалер пристигна пред почетокот на сезоната во Шериф, а сега по неколку одиграни меча за својот нов клуб, со задоволство проговори за импресивната ноќ и победата на Шериф над неговиот омилен тим од детство.
„Без лажна скромност, ова е најголемото изненадување во историјата на Лигата на шампионите. Имав среќа да стапнам на тревата на ‘Сантијаго Бернабеу’ во последните минути. Како дете навивав за Реал Мадрид, почнав да играм фудбал поради генерацијата на Зидан и другите ‘Галактикоси’. Плачев кога губеа. Кога играш ваков натпревар, знаеш дека си успеал во фудбалот”, кажа Николов за ‘Моцартспорт’.
Николов изјави дека победата над Реал не била случајна, имајќи предвид дека тој и неговите соиграчи долго се подготвувале за овој двобој.
„Можам да ви кажам како беше на подготовките за натпреварот со Реал … Ваше е да ми верувате. Обично тимовите од Истокот немаат некои големи амбиции кога играат против фаворитите. Но, ние не влеговме на овој натпревар туку – така, да загубиме со што е можно помала разлика. Напротив, бевме посветени, го анализиравме Реал од сите агли, имавме видео презентации за нивната игра три дена, знаевме како можеме да им се спротиставиме. Нашиот тренер кажа дека треба да покажеме почит, но дека не треба се исплашиме од противникот“, потенцираше Бобан.
Тој пред самиот крај на преодниот рок се пресели во Молдавија, откако летово стана слободен играч по истекот на неговиот договор со Лече.
„По нивната победа над Црвена Звезда ја добив понудата на Шериф и воопшто не се двоумев. Имаше луѓе кои ми велеа каде ќе одиш таму во Молдавија, но Шериф уште против Црвена Звезда и Динамо покажа огромен квалитет. Се надевам дека нема да застанеме овде и дека ќе продолжиме понатаму во Европа, најмалку во Лигата на Европа“, вели Македонецот.
Македонскиот фудбалер верува дека „бајката“ на Шериф ќе продолжи и против Интер.
„Навистина веруваме дека можеме да бидеме најмалку трети. Имаме пет бода повеќе од Интер и Шахтјор. Но, сега не размислуваме за нив. Не очекува дерби против Милсами”, заклучи Николов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА