Ракометарите на Пролет во петтото суперлигашко коло стигнаа до четвртата победа, на домашен терен против Тиквеш со 31-26. Со овој резултат тренерот Бошковски и неговите избраници експресно го оставија зад себе поразот од Еурофарм Пелистер 2 од минатиот викенд, враќајќи се на победнички патеки во трката за влез во плејофот.
Тинекс Пролет го отвори натпреварот со цврста игра во одбраната, која овозможи рано водство од 4-0. Гостинскиот тренер Магдинчев зеде тајмаут по што Тиквеш се разбуди во нападот, гостите првиот гол го постигнаа во 12. минута преку Кондев, по што добија на самодоверба и набрзина намалија на 5-4. На средината од првото полувреме дојде со инцидент при една борба за топка при напад на Тиквеш, се вклучија и ирачите од клупите на двата тима, по што судиите одлучија да им покажат црвени картони на Палевски од Тинекс Пролет и на Стефановиќ од Тиквеш. Ова придонесе Џонов по двата гола од бековска позиција да го замени Палевски на лево крило, додека Пејовиќ го зазеде своето место во бековската линија.
Голманот Петковски одбрани уште еден зицер, одбраната повторно доби на цврстина, па предноста експрено скокна од 5-4 на 8-4. Гостите од 10-6 се приближија на 10-8, по што капитенот Андоновски изнуди пенал и исклучување. Предноста од играч повеќе не беше искористена, па Тиквеш до крајот на полувремето намали на 13-13, со голот што во последните секунди го постигна Симиќ.
Второто полувреме почна со израмнета игра, а голманот Петковски блесна бранејќи пенал по исклучувањето на Пејовиќ. Андоновски и Аларов презедоа одговорност во нападот, па позитивата во 39. минута се искачи на „плус четири“ (19-15). Кавадарчани не се предадоа и повторно дојдоа на само еден гол негатива (21-20). Пролет одговори со иста мера и на десет минути до крајот успеа да зголеми на 26-22. Отпорот на гостите беше скршен на четири минути до крајот, кога најпрвин Пролет се одбрани со играч помалку (по исклучувањето на Пецаковски), за на спротивната страна Пејовиќ да реализира за 30-25. Јане Цветковски влезе во игра и одбрани пенал во самиот финиш, за заслужена победа на Тинекс Пролет на овој натпревар, изразена со конечни 31-26.
Ласко Андоновски беше најдобар стрелец кај Тинекс Пролет со шест гола, пет постигна Голубовиќ, а по четири пати прецизни беа Аларов, Пецаковски и Димов. Најефиксни во таборот на Тиквеш денеска беа Темелкоски со седум и Симиќ со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА