Ракометарите на Металург Скопје конечно остварија победа и тоа во 5-то коло од македонската ракометна Супер-лига. За оваа радост на скопјани им помогнаа ракометарите од тимот на Струга, кои не можеа никако да се состават, па крајниот исход беше 27-22 за домашната екипа.
Тимот на Металург успеа да го неутрализира противникот уште во првото полувреме, па со целосна контрола над играта даде до знаење дека во овој дуел ќе биде задоволен единствено со победа и освојување на првите три бода, па на пауза се замина со резултат од 14-10.
Вториот дел рутински припадна на ракометарите од Скопје, како што се зголемуваше разликата на домаќините, така гостите го кренаа „белото знаменце“ и речиси целосно се откажаа од било каква борба за реми или победа. Озтурк Халил со осум гола беше прво име во победничкиот табор, додека кај Струга се истакна Јанковски Славе како најдобар стрелец со постигнати шест гола.
Ова за Металург беше прва победа, па истата им донесе три поени, додека ракометарите на Струга останаа и понатаму на единствената победа од која инкасираа три бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА