Фалкао со повик до ѕвездата на Интер да дојде во Рајо Ваљекано, Столе Димитриевски добива соиграч од светска класа!

Рајо Ваљекано неодамна го доведе Радамел Фалкао што се покажа како фантастичен потег на мадридскиот клуб. Искусниот Фалкао остана без клуб по истекот на соработката со Галатасарај, па тој одлучи да се врати во Шпанија. Колумбиецот ги изненади сите со својата одлука да потпише за Рајо, каде што на почетокот на сезоната покажа дека ќе биде големо засилување.

Рајо сака да го задржи статусот член на Ла Лига и нивната цел е дури и да се обидат да се изборат за место кое води во Европа оваа сезона. Тимот на македонскиот голман Столе Димитриевски дефинитивно има сериозни планови оваа сезона, а за ова сведочи и фактот дека ќе се обиде да донесе уште неколку звучни засилувања во зимскиот преоден рок, за едно веќе и на големо се зборува.

Имено, италијанските медиуми објавија дека Рајо го сака Алексис Санчез, кој очигледно ќе го напушти Интер оваа зима. Чилеанецот не е задоволен од неговиот статус во Интер и фактот дека не може да се бори за минути покрај Џеко, Лаутар и Кори.

„Ла Газета дело Спорт“ објави дека Рајо покажал голем интерес да го доведе Алексис што навистина би бил фантастичен трансфер за клубот од Мадрид. Санчез на тој начин ќе се врати во Шпанија каде некогаш играше за Барселона, но во тој случај ќе мора да се согласи на значително намалување на платата. Фудбалерот во клубот на Милано моментално заработува девет милиони евра по сезона, а Рајо не може да понуди ниту приближно толку.

Мадридскиот клуб се надева дека Алексис ќе се согласи на намалување на платата и наводно тие веќе контактирале со Чилеанецот преку Фалкао за да проверат дали би сакал да ја продолжи кариерата во овој тим. Покрај Рајо Ваљекано, искусниот напаѓач се поврзува со Севиља и Марсеј и јасно е дека нема да има проблем да најде нов клуб.

Се вчитува...