Тренерот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ, има причина за задоволство откако македонскиот првак славеше над Младост Земун во првото коло од новата сезона во АБА2 лигата.
Со оваа победа на турнирот на Златибор, МЗТ му се реваншираше над Младост за елиминацијата во ланскиот плејоф на регионалното натпреварување.
„Многу ми е мило што со победа го отворивме турнирот, особено над ривал како Младост, кој е еден од најсилните во АБА2 лигата. Очекував ваков доста физички меч, динамична игра на двете страни. Добро се подготвивме, имавме контрола во текот на сите 40 минути и заслужено победивме. Морам да сум задоволен, имавме голем број офанзивни скокови и поени од контранапад, нешто на што инсистирав во подготовката за мечот. Секако има простор за напредок и ќе ги тстраниме проблемите со кои се соочивме на периоди во денешниот дуел“, изјави Радуловиќ.
Следен предизвик за МЗТ Скопје е дуелот со Рогашка од Словенија, ривал што барам на хартија би требало да биде послаб од Младост Земун.
„Од вечерва ги почнуваме подготовките за второто коло и Рогашка бидејќи досега бевме фокусирани само на Младост. Многу ни беше важно да отвориме со победа, а утре ќе тренираме и со поголема самодоверба ќе влеземе во мечот со Рогашка, со желба да се стигне до нов триумф“, оптимистички е расположен стратегот на МЗТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА