Работнички и Скопје ја отвораат 10. рунда во ПМФЛ

Со мечот меѓу Работнички и Скопје денеска ќе се отвори 10. рунда во Првата македонска фудбалска лига. По интернационалната пауза најдобрите тимови во Македонија се враќаат на своите обврски во домашниот шампионат.

Најдобриот фудбалер на тимот од „Дебар маало“, Лука Станковски се надева дека тимот ќе се врати на победничките патеки откако во последните два меча пред паузата не успеа да забележи триумф.

„Паузата беше искористена за анализа и подготовка за следните искушенија, иако тимот не беше комплетен со оглед дека има младински репрезентативци. Но, по враќањето од репрезентативната акција веднаш се фокусиравме на новите првенствени предизвици затоа што сакаме да вратиме на победнички патеки. Денеска ни гостува тимот на Скопје, еден квалитетен и максимално борбен состав, што заслужува респект. Ние ќе мораме да дадеме 150% од можностите доколку сакаме да ја оствариме целта и да стигнеме до триумф“, вели Лука Станковски.

Натпреварот кој ќе се игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е закажан за во 14 часот.

 

 

 

Се вчитува...